Гостиварци вчера направија кам-бек во Првата македонска лига по речиси една деценија, а се вратија на најдобар можен начин, со победа од 96-92 во гости против некогашниот нацинален шампион, Фени индустри.
По освоените први, но и важни бодови во Кавадарци, тренерот на Гостивар, Марјан Србиновски вели дека е убаво да се види како овој клуб повторно остварува победи во највисокото по ранг македонско првенство во кошарка. Србиновски посочи дека е презадоволен од триумфот, особено што од составот дури шест играчи направија двоцифрен учинок на поени. Посебно е задоволен што во тимот има играчи како младите Дамјан Робев и Јетмир Зекири, од кои може да очекува да решаваат натпревари токму како на вчерашниот, и покрај тоа што во екипата има искусни кошаркари кои во главно ја превземаат таа задача.
„Секако дека сум задоволен од победата и начинот на кој го остваривме тоа, бидејќи сметам дека ги заслуживме овие бодови. Убаво се да си види како Гостивар повторно победува во Првата лига, се надевам дека ова ќе ни биде мотив за следните средби. Го контролиравме поголемиот дел од мечот, но ни се случи и мал пад на концентрација кон крајот, па можеше скапо да не чини. Сепак, по тајмаутот експресно се вративме, благодарение на Робев и Зекири кои погодија неколку многу важни шутеви, особено трите тројки на Робев во низа. Иако млади, двајцата се истакнаа кога беше најпотребно, и во последните моменти допринесоа за победата. Секако ме радува тоа што нападот добро ни функционира, дури шест кошаркари имаа двоцифрен број на поени. Сепак, ова е само една победа на стартот од првенството. Не треба веднаш да креваме фама, да останеме приземјени и да продолжиме со напорната работа“, изјави Србиновски за ЕКИПА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА