Србите ја демолираа Германија за пехар на силниот турнир во Хамбург

Србија барем за момент ги остави зад себе контроверзите околу бришењето на Теодосиќ од репрезентативниот список откако избраниците на селекторот Пешиќ триумфираа на силниот турнир што се одржуваше во Хамбург. Откако во полуфиналето во драматична завршница со пресврт се вратија од „минус 15“ и ја совладаа Италија, српските кошаркари денеска не дозволија никаква неизвесност, во финалето декласирајќи ја Германија со убедливи 83-56.

Триумфот беше најавен со убедливата прва четвртина што Србите ја добија со двоцифрени 24-13, за сите дилеми околу победникот да бидат разрешени со супериорната трета четвртина што Србија ја доби со 27-10, за избраниците на Пешиќ на крајот да слават со убедливи 27 поени разлика.

Јокиќ беше одличен и во големото финале постигнувајќи 22 поени, Мициќ реализираше 14, а Милутинов 13 поени за победничката селекција. Во таборот на Германија до двоцифрен ефект стигна само Обст, со 12 поени зад своето име.

Се вчитува...