Кошаркарската Евролига и во следната сезона ќе биде место за пресметки меѓу лутите белградски ривали Партизан и Црвена Звезда, најавуваат српските медиуми.
Вообичаено, Евролигата има загарантирано место само за шампионот на АБА, во случајов Партизан, но и Црвена Звезда постигнала договор за повторно да биде дел од елитното европско натпреварување. Како што јавува српски „Телеграф“, „црвено-белите“ се согласиле да платат 500.000 евра за да добијат вајлд карта за ова натпреварување, исто како што тоа минатото лето го стори Партизан.
Одлуката е веќе донесена, па сега останува само уште едно место во Евролигата за наредната сезона, за кое ќе биде решено дали ќе припадне на Валенсија или пак на вицешампионот од Еврокупот, Турк Телеком. Гран Канарија требаше да го заземе местото на Валенсија, но првакот на Еврокупот се откажа од настап во Евролигата, по што останува да се види дали овој билет ќе биде пренесен на Турк Телеком, или ќе остане на Валенсија, тим што лани со вајлд-карта влезе меѓу елитата.
Конечната одлука на Евролигата околу составот на сите екипи ќе биде официјално објавена во јавноста на 29 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА