Србија е на работ на елиминација по само еден одигран натпревар на ЕП откако нашиот северен сосед лесно и убедливо загуби на дуелот со Белорусија (35-30). Белоруските ракометари го контролираа резултатот во текот на целата средба, Србите парираа колку што можеа во првиот дел, но во вторите 30 минути целосно потфрлија. По овој убедлив неуспех, шансите за пласман на едно од првите две места во групата А се сведени на минимум, со оглед на фактот дека избраниците на Перуничиќ ги очекува пресметка со Хрватска, како и со селекцијата на Црна Гора.
Каралек со девет гола од десет обиди беше најефикасен во победничкиот табор, додека прв стрелец на Србија беше Радивојевиќ со шест гола, но од дури 13 шута кон противничкиот гол.
Германија славеше со убедливи 34-23 на дуелот со дебитантот Холандија. Во главна улога беше голманот Волф, кој имаше 12 одбрани со 41% успешност, за откако победата беше осигурана да му го препушти своето место на Јоханес Битер. Хефнер и Колбахер со по пет гола беа најефикасни во германскиот табор, додека прв стрелец на Холандија на дебито на европските шампионати беше Кеј Смитс со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА