Србите се избламираа: Англиска доминација во Белград, Мбапе го мина Анри…

Србија беше демолирана на домашен терен од Англија со 0-5, навивачите гласно бараат оставка од селекторот Драган Стојковиќ – Пикси, додека Англичаните се воодушевуваат на најдобиот меч на „гордиот албион“ под водство на Томас Тухел. Кејн со глава го отвори резултатот, на одмор се замина со 0-2 по дебитантскиот погодок на Мадуеке, а во вториот дел меѓу стрелците се запишаа и дефанзивците Конса и Гехи, за тотално фијаско на српскиот национален тим на овој натпревар. „Петардата“ беше комплетирана со голот што во 90. минута од пенал го постигна Маркус Рашфорд, еден од најтешките порази на српската репрезентација во последните десетина години.

Франција славеше со 2-1 на домашен терен против Исланд, меч што мина во знакот на Килијан Мбапе. Асот на Реал Мадрид стрелаше прецизно за 1-1, гол со кој го мина Тиери Анри на вечната листа на стрелци на „триколорите“ (Мбапе има 52, Анри 51), па сега пред Килијан се наоѓа само уште Оливие Жиру со 57 погодоци во репрезентативната кариера. Мбапе потоа несебично асистираше до Баркола при победничкиот гол за „триколорите“, Чуамени кон средината на второто полувреме доби директен црвен картон, а Французите во самиот финиш имаа и многу среќа поради поништениот гол со ВАР на исландскиот состав во последните минути од натпреварот.

Норвешка ја демолираше селекцијата на Молдавија со 11-1 во меч во кој Ерлинг Халанд броеше до пет, а Асгард постигна четири погодоци за победничката селекција. Албанија ја совлада Летонија со 1-0 со пеналот на Аслани во 25. минута, додека БиХ загуби на домашен терен од Австрија со 1-2 по погодоците што во второто полувреме ги постигнаа Сабицер и Лајмер.

Португалија направи џиновски чекор кон мундијалска виза откако славеше и на вториот гостински меч во низа, овојпат против Унгарија со 2-3. Варга најави изненадување во Будимпешта, но Бернардо Силва и Роналдо донесоа пресврт. Варга со својот втор гол во 84. минута израмни на 2-2, но радоста на домаќините траеше само две минути, пред Кансело да ја доенсе победата на португалскиот состав.

Се вчитува...