Новак Ѓоковиќ се приближува кон крајот на кариерата, а српскиот тенисер ја изненади домашната јавност со одлуката да избере нова држава за своја резиденција, и тоа во периодот кога размислува каде ќе живее кога ќе му каже збогум на тенисот.
Новак сите овие години се движеше меѓу Монте Карло, Марбелја и Белград, но последните информации говорат дека Ѓоковиќ со семејството во наредните месеци ќе се пресели во Грција.
Како што информира порталот “Glow.gr”, најдобриот тенисер на сите времиња веќе неколку месеци активно разговарал за добивање на „златна виза“, нешто што неодамна му било одобрено.
„Ова не е случајна одлука, туку последица на поврзаноста што Ѓоковиќ ја има со Грција, врска што со години се повеќе се зацврстуваше“, се вели во написот во кој се додава дека Новак во последните години често ги посетувал Миконос и Крит, но и планината Атос, односно Света Гора која претставува темел на неговата духовност.
Истиот извор тврди дека е веќе купена и куќата во која тенисерот планира да живее, први летово ќе се доселат сопругата Јелена и децата Стефан и Тара, а Ѓоковиќ ќе им се приклучи по завршувањето на настапот на УС Опен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

