Раководството на Партизан долго размислуваше околу наследникот на Саво Милошевиќ, за на крајот „црно-белите“ да ја шокираат српската јавност со конечниот избор. Иако во изминатиот период беа споменувани познати тренерски имиња кои или играле или претходно биле тренери на Партизан, сепак улогата на нов шеф на струката му беше доделена на 51-годишниот Срѓан Благојевиќ.
Станува збор за стручњак чие име ниту во еден момент не беше поврзувано со оваа одговорна функција. Благојевиќ нема преголемо искуство на највисоко ниво, ако се знае дека во Србија ги има водено екипите на Сремчица, Ковачевац, Срем, Жарково, Бежанија и Инџија. Најголемиот успех го забележа во шампионатот на Казахстан, каде најпрвин замина во Каспи, од каде се пресели во Астана, клуб со кој во 2022 година се закити со шампионската титула. Последен тренерски ангажман му беше во унгарскиот прволигаш Дебрецин.
„Голема чест и задоволство е да се биде тренер на Партизан, воедно и голем предизвик. Без оглед на околностите и ситуацијата во клубот, немав никаква дилема во моментот кога ја добив понудата и без размислување прифатив. Моја амбиција е низ напорна работа и посветеност да успееме да го стабилизираме тимот и да ја унапредиме играта. Свесен сум за тежината на задачата и за очекувањата на навивачите, но верувам дека со заеднички сили можеме да го вратиме Партизан на местото каде припаѓа“, изјави Благојевиќ по потписот на договорот, што е со важност до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА