Србите со моќна победа над Кина на Александар Ѓорѓевиќ

Репрезентацијата на Србија славеше со убедливи 64-87 над Кина на првиот контролен меч што нашиот северен сосед го игра во Азија како завршница од подготовките за претстојниот Мундобаскет. На клупата на Кина седи поранешниот српски селектор Александар Ѓорѓевиќ, но тој не успеа да најде одговор за расположените сонародници, кои доминираа на теренот и заслужено славеа со убедливи 23 поени разлика.

Српската доминација почна од самиот почеток на натпреварот, па веќе во четвртата минута избраниците на Пешиќ стигнаа и до првото двоцифрено водство (11-0). Првата четвртина заврши со предност на гостите од 12-23, по што Србија го диктираше темпото и во вториот дел, на одмор заминувајќи со 15 поени предност (28-43). Иако имаше мал пад на концентрацијата во текот на третата четвртина, српските кошаркари не само што ја задржаа, туку и дополнително ја зголемија убедливата предност, како потврда на одличната форма во пресрет на СП.

Богдан Богдановиќ беше прв стрелец на српскиот состав со 19 поени, 13 постигна Петрушев, а 11 Вања Маринковиќ.

Овие две селекции ќе се сретнат и во групната фаза од претстојниот светски шампионат, ако се знае дека Србија и Кина се дел од групата Б заедно со репрезентациите на Порторико и Јужен Судан.

Се вчитува...