Надежите на Србија дека ќе успее да го убеди Александар Павловиќ да го облече дресот на нашиот северен сосед се сведоа на теорија по денешните информации од Германија дека фудбалерот на Баерн Минхен донел одлука да ги брани боите на германскиот национален тим.
Србите во изминатите месеци се обидуваа да го убедат 21-годишниот играч за врска да заигра за селекцијата на Драган Стојковиќ – Пикси, но тој јасно им порачал дека нема намера во блиска иднина да донесе конечна одлука. Одговорот при сличните разговори со Германците одел во сосема поинаков правец, откако Павловиќ изразил желба што поскоро да го облече дресот на „панцерите“.
Селекторот Нагелсман веќе најавил дека младиот играч на Баерн нема да се најде на неговиот список бидејќи се наоѓа во завршна фаза на комплетирање на ростерот за ЕВРО 2024. Павловиќ ќе биде повикан за настап за младинската селекција против Косово, повик што 21-годишниот плејмејкер според германските медиуми со задоволство ќе го прифати.
Овој играч е една од ретките светли точки во тимот на Баерн сезонава, максимално ја користи минутажата што ја добива кај Томас Тухел и неслучајно го привлече вниманието и на Германците и на Србите во битката за која репрезентација ќе настапува Павловиќ во иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

