Средба на легендите: Мето Спасовски, Панчев и Тупурковски на разговор за спортот, Вардар, фудбалот – некогаш и сега! (ФОТО)

Легендите на Вардар и македонскиот фудбал, Мето Спасовски и Дарко Панчев денеска имаа средба со поранешниот претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК) и долгогодишен спортски функционер уште од времето на Југославија, Васил Тупурковски.

Мето Спасовски, кој е една од најголемите вардарови легенди, според многумина и еден од најдобрите фудбалери во Југославија во своето време, репрезентативец на СФРЈ, овој пат вообичаено како и секогаш во друштво на својот голем пријател Дарко Панчев имаа срдечен разговор со уште еден силен вљубеник во Вардар, Васил Тупурковски, кој во деведесеттите години на минатиот век секогаш беше со силна поддршка за најтрофејниот македонски клуб.

Разговори на теми за спортот, фудбалот, ФК Вардар и тоа каде беше Македонија во спортот низ годините на минатиот век, кадe e сега и каде можевме да бидеме.

Мето Спасовски го потенцираше задоволството од оваа средба, нагласувајќи дека за него секогаш се добредојдени разговорите од кои произлегуваат бројни идеи за помош на спортот.

Според мислењето на голем број македонски фудбалски аналитичари, Мето Спасовски е еден од петте најдобри македонски фудбалери на сите времиња. Имаше беспрекорна кариера во Вардар од 1963 до 1974 година, по што потоа три години беше дел и од Бундеслигата во дресот на Сарбрикен.

Спасовски е единствениот Македонец кој постигнал гол против Бразил, и тоа на легендарната „Маракана“ во Рио де Жанеиро. Одличните игри во Вардар беа причина за негов повик во југословенската репрезентација. И судбината сакаше неговото деби да биде против легендарната генерација на Бразил предводена од Пеле и тоа на 17 декември 1968 година на „Маракана“ пред 150.000 навивачи.

Се вчитува...