Средба на селекторот Милевски и Дарко Панчев пред продолжението на квалификациите за ЕП 2024 (ФОТО)

Македонскиот селектор Боби Милевски реализираше средба со најголемото македонско фудбалско име, фудбалерот на векот на Македонија, Дарко Панчев.

Пред продолжението на квалификацискиот циклус за пласман на ЕВРО 2024 и пресметките со Украина и Англија на „Олд Трафорд“, македонскиот селектор изминатиов период се одлучи на средби со истакнати домашни фудбалски имиња во насока на разговори околу иднината на македонскиот репрезентативен фудбал и желбата за континуирано продолжување на успесите од претходните години. Па, во таа насока и меѓусебната средба со македонската фудбалска легенда Дарко Панчев како и поранешниот директор на Вардар, од времето на најславните денови на најтрофејниот македонски клуб, и долгодишен истакнат фудбалски работник, Драган Томовски.

На средбата, без сомнение, фудбалски разговори околу квалификациите за ЕП 2024 и исклучително тешката група во која Македонија, покрај со Украина и со Англија, е уште и со Италија, но и на темите генерално за идните насоки на домашниот фудбал, подобрување на домашните натпреварувања, активната клупска работа со најмладите како начин и за идно континуирано одржување на квалитетот на националните тимови, почнувајќи од најмладите па се до сениорската репрезентација.

„Оваа средба е на мое задоволство и како начин за искажување поддршка за Благоја Милевски за се она што го прави за националниот тим. Баражите за пласман на СП 2022 и натпреварите против Италија и Португалија, без сомнение, се најголемиот успех на македонскиот репрезентативен фудбал во историјата, ако се погледне тежината и значењето на истите. Па, токму тие средби треба да бидат насока и мотив за се она што репрезентацијата ја очекува и во квалификациите за ЕП 2024 за кои Милевски и момците треба да добијат безрезервна поддршка од секој од нас“ – се дел од размислувањата на Дарко Панчев и во интервјуто за ЕКИПА кое ќе биде објавено пред јунскиот собир на националниот тим и натпреварите со Украина и со Англија.

Се вчитува...