В понеделник делегација на Македонскиот олимписки комитет ќе се состане со премиерот Зоран Заев, неговите советници задолжени за спорт и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски за да се направи клучниот чекор за промена на законска регулатива за спорт. Ова мора да биде направено затоа што Интернационалниот олимписки комитет испрати алармантно писмо и предупредување во кое се бара законите да бидат променети затоа што во моментов не одговараат на регулативата на ИОК, но и на меѓународните спортски институции.
Што всушност значат насоките од ИОК. „Одговорна автономија“ – тоа е позицијата што треба да им ја обезбеди државата во законската регулатива на спортските федерации во државата. Параграфот 5 од фундаменталните принципи на Олимпизмот. Ова е клучното правило на кое што се повикува ИОК кој цитира и уште неколку други параграфи за на крајот и да посочи дека ако законските решенија во земјата не бидат усогласени со регулативата на ИОК и на меѓународните спортски федерации, организација има право да го повлече признавањето на Националниот олимписки комитет. На најаедноставен јазик ова значи дека спортските федерации во државава кои во моментов се усогласени со законот за спорт се надвор од статутите на матичните меѓународни организации во кои членуваат.
Ова е всушност пораката која на дипломатски начин ја испраќа ИOK кој потенцира дека федерациите треба да бидат усогласени со статутите на меѓународните асоцијации чии членки се, а домашното законодавство треба да биде доволно флексибилно за да им го овозможи тоа. Дополнително се спори и издавањето на решение за дејност спорт што е ингеренција на Агенцијата за млади и спорт. Токму оваа алатка која е во рацете на владиното тело задолжено за спорт беше многу важна во дисциплинирањето на федерациите.
Проблемот е иницириан уште во 2014 година, а до меѓународните институции информациите дошле поради тогашните превирања во фудбалската, кошаркарската и во карате федерацијата. ИОК потоа во неколку наврати испраќал писма на кои немало позативна реакција. Актуелниот премиер Заев, годинава во април ги примил претставниците на ИОК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА