Јувентус ја врза и четвртата победа во низа во Калчо-лигата откако „црно-белите“ од Торино славеа со 1-0 над Рома, за втор меч во низа на кој Јуве не прими ниту еден гол. Голманот Шчесни ја имаше улогата на херој со одбранетиот пенал во првото полувреме, Алегри мора да биде задоволен од трите бода без оглед на нешто послабата игра, додека Мурињо уште еднаш увиде дека му треба уште многу време за да создаде „машинерија“ од тимот на „римската волчица“.
Јувентус тргна мотивирано од самиот почеток, пристап што им даде резултат, па „старата дама“ во 16. минута поведе. По центаршутот на Де Шилјо топката ја удри Бентакур, но тој од непосредна близина го погоди во главата Кин, по што заврши во мрежата на Рома. Од тој момент „волчицата“ тргна во офанзива, имаше повеќе од поседот врз топката и создаде неколку шанси, но не успеа да го совлада Шчесни. Најубава беше онаа во 40. минута, кога Рома постигна гол преку Абрахам, но судијата го поништи бидејќи неколку секунди претходно свирна со свирчето, досудувајќи пенал за „волчицата“. Верету ја презеде одговорноста, но го промаши ударот од белата точка, па Шчесни по слабите игри на стартот од сезоната овојпат беше херој на „старата дама“.
Избраниците на Мурињо продолжија да доминираат на средината од теренот и во второто полувреме, но одбраната на Јуве предводена од Кјелини функционираше беспрекорно до самиот крај, за втора победа во низа на „старата дама“ и искачување на делба на петтото место на табелата, рамо до рамо со Аталанта и со Лацио.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА