Срна: Му плачев на Чеферин по телефон, а тој само покажа каков човек е!

Дарио Срна со семејството успеа да побегне од Украина, а два дена по пристигнувањето во Хрватска долгогодишниот капитен на Шахтјор се појави во јавноста преку интервју за весникот „Спортске Новости“.

Во него, Срна го потенцираше претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, како најзаслужен човек што тој и останатите фудбалери на Шахтјор се вратиле во своите татковини.

„Му се јавив на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, решив лично да го побарам бидејќи го имав запознаено и знаев дека е коректен човек. Кога видов дека немаме излез решив да го побарам, а кога се слушнавме почнав да плачам: Претседателе, помогнете ни. И тој веднаш презеде буквално се за да најде решение за хоророт во кој се најдовме. Не знам каде се се јавуваше, но дефинитивно се посвети на проблемот како да се негови деца во прашање, а не фудбалери од кои голем дел никогаш ги немаше запознаено. Јас со автомобил стигнав до Унгарија, потоа тој среди Бразилците со воз да ја напуштат Украина. Десет часа подоцна пак ми се јави, ми кажа дека сите Италијанци од клубот со воз сигурно ќе стигнат до границата до Унгарија, од каде исто така им имаше организирано транспорт до татковината“, вели Срна.

Тој говори само во суперлативи за првиот човек на европскиот фудбал, кој застана зад фудбалерите во моментите кога им беше најпотребен.

„Најголемата работа во животот на Чеферин не е што од мала земја стигнал до функцијата претседател на УЕФА. Негов најголем успех е што е голем човек, кој својата величина ја покажа кога луѓе како мене се најдоа во животна драма и побараа помош од него. Тоа никогаш нема да му го заборавиме, ниту јас, ниту сите луѓе во Шахтјор, но и цела Украина. Треба да се истакне дека значајна улога одигра и претседателот на Украинската Фудбалска Федерација, Андреј Павелка, кој цело време беше во координација со Чеферин“, истакна хрватската фудбалска легенда.

Се вчитува...