Српски милијардер станува газда на англиски премиерлигаш

Српскиот медиумски тајкун Драган Шолак е на добар пат да стане прв човек на англискиот премиерлигаш Саутемптон, откако влезе во завршна фаза од преговорите за преземање на контролата над „светците“ од „Сент Мерис“.

Шолак е основач и еден од сопствениците на „Јунајтед групацијата“, која ги поседува телевизиите N1, Спорт Клуб, Нова С и други медиуми ширум Србија, по што овој мултимилионер сега сака да заплива и во спортски води, и тоа во најсилната лига во светот.

Информацијата прва ја објави британската телевизија „Скај“, според која кинескиот газда Гао Џишенг изразил подготвеност да го продаде мнозинскиот пакет на акции, а Шолак начелно ги договорил и деталите од трансакцијата. Србинот би платил 100 милиони фунти само за акциите на кинескиот милионер, кој во последните години го загуби интересот за инвестирање во клубот, со што го навлече и бесот на навивачите.

Според „Скај“, постигнат е и начелен договор меѓу двете страни, а се очекува во текот на овој месец да се официјализира и застанувањето на српскиот богаташ на чело на Саутемптон.

Се вчитува...