Продолжуваат скандалите поврзани со настапот на ракометната репрезентација на Србија на ЕП во Хрватска. Извештајот на селекторот Јовица Цветковиќ во кој прозва дел од ракометарите дека „лумпувале низ Загреб и предвреме резервирале билети за враќање“, предизвика бура и реакција кај ракометарите. Тие денеска испратија известување до јавноста во кое го обвинија селекторот дека ги водел неподготвен и пијан.
„Без никаква причина ставени сме на столб на срамот благодарение на селекторот кој изнесе низа невистини. Сега и ние мора да проговориме бидејќи секој негов збор е лага“ – стои во обраќањето на српските ракометари.
Освен обвинувањата дека селекторот Цветковиќ за репрезенативците не знаел кој каде му игра и како што пишуваат не ги знаел „85 проценти од противничките играчи“, тие откриваат дека селекторот не доаѓал на тренинзите и на ЕП ги водел пијан.
„Што правиме со фактот дека на 86 отсто од тренинзите не ни беше? А и кога беше пушеше во салата каде што се тренира! Во тренерка со грбот на Србија! На пушењето во соблекувална пред секој натпревар веќе се навикнавме, тоа не е новина. За една недела во хотелот имаше сметка од 1.200 евра само за алкохол! Тогаш и не чуди што селекторот секоја вечер беше во алкохолизирана состојба. Кулминација беше кога во таква состојба го водеше натпреварот против Белорусија. Под дејство на алкохол, го нападна и го удри потпретседателот на Сојузот, Драган Шкрбиќ. Да, тоа е вистина бидејќи играчите беа присутни, раздвојувавме и ги смирувавме старстите“ – пишува меѓу другото во обраќањето на српските ракометни репрезентативци.
Како што најавуваат српските медиуми, УО на РСС во среда ќе расправа за состојбите во националниот тим и како што е најавено ќе го разреши Цветковиќ од селекторската функција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА