Поранешниот фудбалер на Астон вила и репрезентативец на Англија, Уго Ехиогу во утринските часови почина откако вчера колабираше поради срцев удар за време на тренингот на резервниот тим на Тотенхем. 44-годишниот Ехиогу, кој во последно време ја извршуваше тренерската функција кај младите играчи на „спарси“, колабирал на тревата, а лекарскиот тим веднаш реагирал. Ехиогу потоа бил преместен во болница, но неговото срце не издржало утрово.
Од канцелариите на Тотенхем со соопштение преку социјалните мрежи ја потврдија смртта на нивниот тренер на резервниот тим, а изразија и сочуство до фамилијата на Ехиогу:
„Со огромна жалост објавуваме дека тренерот на нашиот тим на резерви, Уго Ехиогу утрово почина во болница, откако не го издржа срцевиот удар. Сите во клубот сме шокирани, неговото присуство меѓу нашите простории ќе недостига, изразуваме огромно сочуство до неговата фамилија и неговата сопруга Џема.“
Ехиогу во кариерата носеше неколку премиерлигашки дресови, како на ВБА, Астон Вила, Мидлзбро, Лидс јунајтед, Шефилд јунајтед и шкотскиот клуб Глазгов ренџерс. Во кариерата вкупно одиграл 507 натпревари за сите овие тимови, постигнал 26 гола, а за репрезентацијата на Англија во кариерата заиграл само четири пати, со едниствениот гол постинат на „Вила Парк“ во 2001 година против Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА