Стадионите на иднината (ВИДЕО)

Времето го зема данокот на многу стадиони ширум светот, па затоа и симболите на едно време денеска се надминати. Не е воопшто чудно што се почесто се зборува за модернизација на фудбалските стадиони во Европа, а особено тие на најголемите и најбогатите европски клубови. Тотенхем уште го чека официјалното отворање, а Атлетико Мадрид во летото 2017 се префрли на стадионот „Ванда Метрополитано“.

Првиот човек на Реал Мадрид, Флорентино Перез, вчера официјално го презентираше амбициозниот план за реконструкција на „Сантијаго Бернабеу“, кој ја подигна цела Шпанија и Европа на нозе. Почнувајќи од летово „кралскиот клуб“ влегува во еден од најголемите фудбалски проекти, кои од „Сантијаго Бернабеу“ можеби ќе направат и најголемо чудо на современата архитектура. Како што е најавено, целиот проект треба да трае три и пол години, а вредноста на истиот ќе биде нешто над половина милијарда евра. Реал Мадрид за потфатот ќе подигне кредит кој ќе го отплаќа наредните 25 години.

Проект за реконструкција на стадионот најави и Барселона. Клупскиот план најавува потполн редизајн на највисокиот дел од трибините, што ќе значи зголемување на капацитетот на 105.000 места. Целиот стадион ќе биде модернизиран со лифтови и подвижни скалила, кои ќе го олеснат доаѓањето до посакуваното ниво и место. Буџетот на целиот проект е околу 600 милиони евра, а најавено е дека новиот „Камп Ноу“ ќе биде во функција од 2023 година.

Првиот човек на Рома, Џејмс Палота, неодамна порача дека нема никаква дилема околу тоа дека Рома ќе се одвои од Лацио и ќе добие нов стадион и покрај тоа што од моментот на раѓање на идејата поминаа три години. Рома последните месеци наиде на проблеми во реализација на плановите, особено со градските власти, но познато е дека целиот проект ќе чини неверојатни милијарда евра. Локацијата на новиот стадион ќе биде во близина на аеродромот „Фиумичино“, а капацитетот ќе изнесува околу 50.000 седишта. Главна инспирација на стадионот ќе биде познатиот „колосеум“, а идејата е комплексот да биде активен 365 дена во годината.

Еден од култните европски стадиони „Енфилд Роуд“, исто така ќе добие своја футуристичка верзија. За потсетување, „Енфилд“ доби проширување, што донесе нови 8. 500 места и вкупниот капацитет се зголеми на 54.000 седишта. Меѓутоа, од клубот најавија ново проширување, по кое на располагање ќе има 60.000 столчиња. Проектот ќе започне годинава, а е во вредност од 126 милиони евра.

Челси има децениски план на проширување на својот „Стемфорд бриџ“, но поради проблемите со откупувањето на земјиштето и со соседите кои не сакаат да го продадат својот дел, проектот е сопрен. Во екот на приказните за промена на сопственикот и заминувањето на Роман Абрамович, планот за реконструкција ќе биде одложен. Сепак тој се уште постои, а доколку дојде до реконструкција, тој би требало да изгледа неверојатно.

Се вчитува...