Стадионот „Телеком Арена“ не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА за одржување на Суперкупот, дуелот меѓу европскиот првак Реал Мадрид и победникот на Лига Европа, Манчестер јунајтед, што ќе се одржи во Скопје на 8 август, констатираше Владата на денешната седница. За три дена треба да биде најдено решение за сите активности да бидат подредени максимално на барањата на УЕФА.
„На денешната седница на Владата констатирани се сериозни пропусти од страна на АД за стопанисување со станбен и деловен простор и на претходата Влада, во реализацијата на преземената обврска за одржување на УЕФА Супер купот 2017 на Арената Филип 2, со оглед дека стадионот не е подготвен согласно бараните стандарди на УЕФА“, соопшти вечерва Владата.
Од Владата велат дека го задолжиле Генералниот секретаријат, во соработка со другите надлежни министерства да ги преземе сите потребни мерки во рок од три дена и да изнајдат начин за одржување на УЕФА Суперкупот. Според најавите, УЕФА ќе дојде во Скопје на 21 јули да ги провери условите за одржување на натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА