Стадионот во Чаир и дефинитивно не ги исполни условите: Шкупи мора да пријави алтернативен стадион, но сопствениците никаде ги нема!!!

Фудбалската федерација на Македонија, преку Комисијата за натпревари, денеска и официјално информираше дека ФК Шкупи е должен да пријави алтернативен стадион за одигрување на натпреварот од 4. коло во Прва МФЛ против ФК Вардар закажан за 29. август во 16:30 часот.

Согласно извршената инспекција и извештајот за инфраструктура, утврдено е дека стадионот во Чаир и дефинитивно не ги исполнува минималните услови за организација на натпревари од Прва МФЛ. ФК Шкупи имаше продолжен рок за да ги исполни минималните услови за натпреварување, но не успеа да ги рализира основните барања поради што ФФМ неизбежно со одлука дека ќе мора да пријавува алтернативен стадион.

Од ФФМ информираат и деталните за сите недостатоци на стадионот во Чаир поради кои не може да добие дозвола за натпреварување:

– недоволно исполнети безбедносни услови за одигрување натпревари од Прва МФЛ согласно извештајот за инфраструктура;

– несоодветна заштитна ограда на јужната трибина, во која има дупки и други небезбедни елементи што претставуваат ризик за учесниците на натпреварот (фудбалерите, официјалните лица и сите присутни);

– неисполнети критериуми за примена на ВАР системот, односно нема соодветно струјно поврзување за ТВ репортажното возило;

– незавршена една од трите потребни платформи за ТВ камери, како и неисполнети услови и соодветен простор за ТВ коментатори;

– искршени клупи за резервни фудбалери кои не обезбедуваат минимални услови за фудбалерите и претставниците на клубовите;

„Загрижува фактот што за време на инспекцијата на стадионот немаше присутен официјален претставник на ФК Шкупи. Единствено беа претставници на навивачката група „Шверцери“, кои покажаа ентузијазам и желба да помогнат во поддршката на клубот. Сепак, доколку клубот навистина сака да ја реши ситуацијата, неопходно е да се појави официјален претставник кој јасно ќе ја соопшти намерата и чекорите што ќе се преземат. Ги повикуваме сопственикот и извршниот директор на клубот да се појават на стадионот во Чаир и да преземат мерки за нормално функционирање на ФК Шкупи. ФФМ, како и досега, ќе направи се што е потребно да му помогне на клубот, но истовремено потенцираме дека не смее да се дозволи натпревари, особено со висок ризик, да се играат во вакви услови“ – информираат од ФФМ.

Со оглед на сериозноста на утврдените недостатоци, ФК Шкупи нема можност да биде домаќин на стадионот во Чаир за натпреварот од 4. коло во Прва МФЛ против ФК Вардар.

„Клубот има обврска најдоцна до крајот на денот да пријави соодветен алтернативен терен за одигрување на натпреварот. Комисијата за натпревари се надева дека за време на претстојната репрезентативна пауза, ФК Шкупи ќе најде начин да ги заврши сите потребни работи и стадионот во Чаир да добие дозвола за организација на натпревари од домашниот шампионат“ – порачуваат од ФФМ.

Се вчитува...