Серијата натпревари на Пелистер продолжува со денешното гостување во Црна Гора, каде битолчани ќе му гостуваат на тимот на Подгорица во второто коло од АБА2 лигата (18 часот). „Пелистерци“ влегуваат во дуелот осоколени откако во првото коло славеа над Широки Бријег, а потоа пред неколку дена и го совладаа МЗТ Скопје во рамките од домашното првенство, што дополнително ја крева атмосферата во тимот предводен од Александар Петровиќ.
Бобан Стајиќ по една година пауза повторно го носи дресот на Пелистер, давајќи знaчаен придонес во добриот старт на сезоната.
„Пред се би сакал да изразам големо задоволство што се враќам во клубот во кој минав три прекрасни години, во средина што ми е многу добро позната и во која сум одлично прифатена.Имавме одличен подготвителен период во кој одигравме квалитетни натпревари. Иако губевме на дел од тие средби, очигледно беше дека формата се движи во нагорна линија, што дава резултат на овој старт од сезоната. Го загубивме првиот меч со МЗТ во Сипер-купот, но веруваме во себе, знаеме дека можеме да играме против таа екипа и го докажавме тоа на натпреварот од второто коло. Си докажавме на себе, но и на нашите верни навивачи дека можеме да го победиме секој ривал, дека оваа нова екипа на Пелистер ќе цели високо“, изјави Стајиќ.
Тој смета дека „пелистерци“ ги очекува тежок натпревар во Подгорица, против ривал што токму на денешниот меч ќе се обиде да се врати во победнички ритам. Црногорскиот тим во првото коло загуби од Џокер, во меѓувреме го смени тренерот, па сега ќе се обиде со триумф над Пелистер да сврти нов лист.
„АБА-лигата е натпреварување во кое сакаме да се претставиме во што подобро светло. Во првото коло славевме над Широки, а сега ни следи и првото гостување против Подгорица, тим што не ја започна сезоната онака како што посакуваше, но дефинитивно поседува квалитет за подобри резултати од досегашните. Наше е да го искористиме моментот на добра игра, да дадеме се од себе на теренот во текот на сите 40 минути и секако да се обидеме да стигнеме до победата“, порачува Бобан Стајиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА