Стајиќ: Мораме подобро во нападот, но нема простор за паника…

Кошаркарите на Пелистер мора што поскоро да го остават зад себе разочарувачкиот прв натпревар против Работнички и да се фокусираат на новиот предизвик против истиот ривал.

Вториот дуел од оваа четвртфинална серија на програмата е утре, а битолчани ќе мораат квалитетот што го поседуваат да го покажат на дело ако сакаат да направат брејк, па на двете следни средби на домашен терен да бркаат билет за полуфиналето.

Нападот беше елементот во играта во кој избраниците на Трајковиќ потфрлија на првиот дуел, нешто што ќе мора да функционира подобро за да се стигне до триумф на утрешниот втор меч.

„Лошата реализација беше пресудна на првиот натпревар. Двете екипи играа цврсто во одбраната, со многу контакти, знаевме дека ќе решава една топка, но противникот беше посконцентиран на крајот и заслужено славеше. Одбраната ни беше на високо ниво, очекувам во ист стил да одиграме и на вториот дуел, но и да обрнеме внимание на ситни детали кои би ни помогнале да стигнеме до победата. Серијата е долга, нема простор за паника, треба само да влеземе со ладни глави во утрешниот меч, да одиграме максимално и да атакуваме на брејкот што го посакуваме пред двете средби во Битола“, изјави Бобан Стајиќ за официјалната веб-страница на Пелистер.

Се вчитува...