Куманово направи уште едно големо изненадување во Супер-лигата, откако по победата над Работнички синоќа го зеде и скалпот на актуелниот шампион МЗТ Скопје. Мотивирани откако во првото коло ја имаа победата над МЗТ на дофат, избраниците на Александар Петровиќ одиграа извонредно второ полувреме, се вратија од „минус тринаесет“ и на крајот заслужено триумфираа. Во главна улога повторно беше плејмејкерот Бобан Стајиќ, кој втор меч во низа против својот поранешен клуб оствари дабл-дабл, реализирајќи 22 поени и 10 асистенции.
„Знаевме колку бевме блиску во Скопје, но се договоривме тој меч да го оставиме зад себе и да се фокусираме само на предизвикот пред нас. Мислам дека клучно беше што одигравме колективно, тимскиот дух е нашиот главен квалитет и тоа ни ја донесе победата. Игравме без никаков притисок, верувавме во себе и на крајот заслужено славевме. Секако дека сме презадоволни, играме одлично во последно време и дојдоа резултатите од нашата напорна работа“ – изјави Стајиќ.
Со синоќешната победа Куманово речиси го обезбеди пласманот во полуфиналето од плејофот, каде за противник ќе го има Работнички, ривалот што само кумановци го имаат совладано досега оваа сезона.
„Самиот пласман меѓу најдобрите четири екипи е доволен успех, но сигурно нема однапред да се предадеме. Работнички ќе ја има фаворитската улога, но ние ќе го дадеме најдоброто од себе, ќе играме без притисок бидејќи сме свесни дека нема што да загубиме, а можеме многу да добиеме“ – вели Бобан Стајиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА