Стајиќ: Од четвртфиналето со Феникс научивме многу, да ја искористиме предноста на домашен терен против ТФТ

Пелистер го потврди своето место во полуфиналето од разигрувањето за титула откако славеше во четвртфианлната „мајсторка“ против Феникс 2010, одново одбранувајќи го домашниот терен.

Битолчани се намачија за победата во првиот натпревар, загубија во драмата во Скопје во вториот, но со едно одлично полувреме успеаја да го срушат отпорот на противникот во натпреварот број три. Капитенот на „зелено-белите“ по завршување на мечот даде осврт на четвртфиналната серија од која вели дека е потребно да се добие поука.

„Екипата на Феникс е една млада, енергична екипа. И мислам дека неочекувано и лошо одговоривме на таа енергија, но може да биде добро што се случи тој пораз во Скопје. Се надевам дека нашата екипа ќе извлече поука, ќе се разбуди и ќе сфати дека во плејофот нема опуштање. Ни преостануваат уште полуфиналната и финалната серија, но добивме поука од оваа четвртфинална серија дека мора да се игра максимално и фокусирано. Физички во одбраната бидејќи во плејофот агресивноста е на некое друго ниво“, вели Стајиќ.

Во полуфиналето Пелистер ќе се сретне со ТФТ, тим со кој одигра три натпревари сезонава, а забележа две убедливи победи и еден пораз на гостувањето во Скопје.

„ТФТ е сосема различна екипа од екипата на Феникс. Веќе игравме со нив три пати во АБА2 и во домашното првенство, но ова ќе бидат сосема различни натпревари. Наше е да се подготвиме, имаме една недела. И тие играа вчера така да исто време имаме за да се подготвиме за натпреварот. Имаме предност на домашен терен и мислам дека доколку барем тој го искористиме ќе бидеме во финале, но секако дека одиме на победа на секој натпревар“, додава бекот.

Се вчитува...