Стајиќ пред купот: Желбата е Пелистер до недела да остане во Куманово

Пелистер одлично го почна вториот дел од сезонава, битолчани имаат четири победи во низа од стартот на годинава и полни со самодоверба патуваат за Куманово на турнирот од Купот на Македонија.

„Зелено-белите“ за противник го имаат домаќинот Куманово, меч закажан за 19.30 часот, во обид повторно да го совладаат на гостински терен откако тоа го сторија во првиот дел од сезоната во Супер-лигата.

„Ни следи сигурно највозбудливиот викенд оваа сезона. Купот е натпреварување кое носи посебна енергија, каде несекогаш победува подобриот, туку екипата која во даден момент е во подобра форма. Она што радува е што нашата форма во пресрет на овој куп-турнир се движеше во нагорна линија, што ни дава самодоверба во пресрет на утрешниот натпревар. ЕДнаш веќе славевме во Куманово, тоа беше меч во кој имавме негатива на полувреме, се надевам дека овојпат ќе ја наметнеме нашата игра од самиот почеток и ќе знаеме како да го исконтролираме резултатот. Противникот е искусен, знае како да ги казнува грешките на своите ривали, клучно ќе биде да го затвориме рекетот и да го исконтролираме скокот, ако го сториме тоа можеме да го направиме првиот чекор кон исполнување на желбата – да бидеме во Куманово до недела“, истакнува Бобан Стајиќ, одличниот плејмејкер кој е вистински лидер на „пелистерци“ во првите натпревари и победи во оваа 2026 година.

Се вчитува...