Екипата на Бадел 1862 ја оправда фаворитската улога на првиот полуфинален натпревар од Купот на Македонија за 2021 година откако славеше над Крива Паланка со 77-56, со што стигна до седмото последователно финале во македонската женска кошарка.
Избраничките на Перо Стамески одиграа одлична прва четвртина (20-6) во која стигнаа до двоцифрена предност која не ја испуштија до самиот крај. Сепак во сенка на одличната игра остана опуштањето на крајот на третата четвртина кога опадна темпото „баделки“, а тоа знаеја да го искористат кошаркарките на Крива Паланка со што ја намалија високата предност на нашиот најтрофеен клуб.
Сепак Бадел не дозволи изненадување, брзо ги консолидираше своите редови и ја врати високата предност со што приреди мирен крај на мечот.
„Прво би сакал да им честитам на моите девојки за прикажаната игра како и на екипата на Крива Паланка која пружи достоен отпор за полуфиналето. Што се однесува до нашата игра, испочитувавме некои работи, некои работи дојдоа после со опуштањето, почнавме да мислиме на финалето, но сепак мислам дека добро го завршивме натпреварот. Мислам дека второто полуфинале ќе биде крајно неизвесен натпревар. Кого и да кажам дека ќе биде финалист би било неблагодарно. Очекувам двете екипи да дадат максимум“, изјави по мечот тренерот на Бадел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА