Новиот македонски селектор на репрезентацијата до 21 година, Горан Станиќ, денеска од 16 часот во Анталија против соодветната селекција на Белорусија ќе го има првиот тест на новата генерација на младата селекција.
Станиќ дебитира на клупата на националниот тим до 21 година, во пресметка која треба да претставува еден вид патоказ околу креирањето на составот за квалификациите за ЕП кои младите ги очекуваат од септември оваа година.
„Сакаме гордо и достоинствено да ја претставиме нашата земја. Сите сме подготвени да го дадеме максимумот и да го оставиме срцето на терен за дресот со државен грб“ – вели фудбалерот на Септември Софија, Никола Величковски, и дополнува:
„Оваа репрезентација поседува квалитет, голем дел од играчите што се моментално во Анталија на подготовки беа во репрезентацијата до 19 години, која пред година дена успеа да оствари голем успех со пласманот во Елитната рунда на квалификации за ЕП. Огромна чест и задоволство е да играш и да ги браниш боите на нашата држава . Имаме одличен селектор и струшен штаб кои поседуваат исклучително големо искуство и знаење кое нас може да ни донесе големи бенефиции. На секој натпревар ќе влеземе максимално ангажирано и дисциплинирано. Мораме да бидеме комплетно фокусирани на тренинзите и самите натпревари. Имаме одлична атмосфера, добро се познаваме меѓусебно и посакуваме успех. Имаме тешка квалификациска група во која ќе се соочиме со репрезентации кои се на самиот врв на Европскиот фудбал. Максимално сме мотивирани, можеме и сакаме да се натпреваруваме и надигруваме со секоја репрезентација. Поседуваме квалитет и силен карактер, сигурен сум дека тоа ќе го докажеме на теренот“.
Македонија на 25. септември ќе го одигра и вториот пријателски натпревар во Анталија, против селекцијата на Азербејџан со почеток од 18 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА