Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Горан Станиќ со реакција по повод поразот од 0-1 од Италија во Битола.
Предводникот на селекцијата до 21 година, рече дека е задоволен од играта, но дека и натаму недостасува тоа завршно додавање во последната зона.
„Пред се благодарност до публиката и до градот Битола и до навивачите за оваа атмосфера. Излишно е да зборуваме за Италија, тие се фаворити. Што се однесува до мечот, влеговме малку нервозно, исто како што беше и против Полска. Играчите го преценија противникот, како одминуваше времето бевме поопуштени, за во вториот дел да доминираме. Мислам дека ова е патот кој треба да продолжиме понатаму. Проблем ни е тоа што имаме како да влегуваме со страв на натпреварите, и тука противниците не казнуваат. Им реков на играчите, залудно подготвувме тактика, ако последното додавање е погрешно. Денеска имавме шутеви, но не погодивме. Останува да работат во клубовите многу. Тука немаме многу време за подготовка, за жал“, рече Станиќ на прес-конференцијата по натпреварот.
Станиќ рече дека Италија ја искористи и најмалата грешка, а Македонија имаше почисти шанси, и не реализираше.
„Физички беа побрзи, но мислам дека бевме егал па дури и подобри. Кога ќе падне концентрацијата, тоа е искуство. Тие играат во големи клубови. Цело време збориме дека мораме да бидеме концентрирани. Примивме гол од внимание, не се покри тоа што требаше да се покрие, а тие како Италијани најмалата грешка ја искористија. Ние имавме подобри ситуации од нив, но не дадовме гол“, вели Станиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

