Репрезентацијата на Македонија до 21 година на 13 и 18 ноември ќе биде домаќин на два квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2027 против селекциите на Шведска и Полска. Двата натпревари ќе се одиграат на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.
Селектор на македонската репрезентација Горан Станиќ вели дека не е задоволен од резултатите на претходните натпревари, согласно прикажаното на теренот, но сега целта се позитивни резултати на дуелите со големите фаворити.
„Анализирајќи ги претходните четири натпревари, можам да кажам дека резултатски не сум задоволен. Според прикажаната игра на теренот, заслуживме најмалку четири бода повеќе во дуелите со многу силни противници, кои се фаворити во нашата група. Сепак, скапо нè чинеа неколку индивидуални грешки. Против квалитетни репрезентации како овие со кои играме, нема простор за такви пропусти“ – вели Станиќ притоа осврнувајќи се на тоа што не очекува на двете пресметки.
„Нè очекуваат два тешки натпревари против селекции кои играат модерен и брз фудбал, но ние имаме квалитет да се спротивставиме на било кој противник. Ќе играме храбро, како и на секој натпревар и целта ни е да постигнеме позитивен резултат. Што се однесува до составот, повик добија двајца нови фудбалери кои со своите игри во клубовите го заслужија повикот, Матео Софијаноски од Македонија Ѓ.П. и Реџеп Мурати од Башкими. Добро е што сите останати фудбалери имаат солидна минутажа во своите клубови и со тоа ја одржуваат формата на потребното ниво за ваков тип на натпревари.“
По четири кола од групата за пласман на ЕП 2027, Македонија има победа против Ерменија. Полска и Италија се на првите две места со максимални 12 бодови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

