Станиќ: Новата генерација млади играчи на Македонија располага со квалитет и потенцијал

Горан Станиќ официјално беше претставен во селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година како замена за Драги Канатларовски кој беше разрешен од функцијата поради лоши резултати. Горан Станиќ се враќа во Фудбалската федерација на Македонија како актуелен тренер на Работнички, а претходно имаше успеси со младинските селекции до 17 и 19 години.

– Пред се сакам да се заблагодарам на претседателот и неговиот тим во федерацијата за укажаната доверба. Да се биде предводник на репрезентативен состав само по себе претставува голема чест и привилегија, но оваа функција носи и голема одговорност.

– Многу добро знам што ме очекува и максимално подготвено влегувам во предизвикот. Се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата и довербата што ја добив. Секој предизвик носи своја тежина. Во мојата кариера секогаш сум бил сериозен, професионален и посветен кон работата, така ќе биде и овој пат.

Актуелниот тренер на Работнички се враќа во Фудбалската федерација на Македонија, овој пат во улога на селектор на нашите надежи до 21 година. Со голем успех во минатото ги предводеше и младите репрезентации на Македонија до 17 и до 19 години. На Европското првенство 2020 година беше дел и од стручниот тим на тогашниот селектор на А репрезентацијата на Македонија.

– Имав единствена можност да бидам селектор на сите млади генерации од 16 до 19 години. Доживеав прекрасни моменти и имав незаборавно искуство во тој период во кој остваривме два успешни квалификациски циклуси и ја исполнивме поставената цел, пласман во елитната фаза на квалификации, првиот пат со селекцијата до 17 години, вториот со репрезентацијата до 19 години, што секако само по себе претставуваше голем успех и сатисфакција.

Под негова палка, екипата на Работнички во актуелната сезона од Првата МФЛ бележи извонредни резултати и се наоѓа на делба на првата позиција заедно со тимовите на Силекс и Шкендија. Новиот селектор на Македонија до 21 верува дека младата генерација на Македонија до 21 (генерација 2004 и 2005) има голем потенцијал.

– Новата генерација Македонија до 21 несомнено е дека располага со голем квалитет и потенцијал. Голем дел од фудбалерите веќе се стандардни во своите екипи и имаат стекнато прволигашко искуство. Повеќето од играчите добро ги познавам. Располагаме со квалитет што ни дава за право да се надеваме на добри резултати.

– Очекувањата од претходниот квалификациски циклус за пласман на ЕП беа големи, особено по одличниот старт и победата над Шведска во првото коло на гостински терен. Мислам дека имавме потенцијал да оствариме подобар пласман, но не оди секогаш според планираното.

Горан Станиќ кој е познат како врвен стратег и тактичар подготвен е да воведе и имплементира свои методи и принципи на работа.

– Планирам да имплементирам мои методи и принципи на работа во кои цврсто верувам и мислам дека ќе ни дадат резултат. Битно е фудбалерите да разберат што е тоа што ќе се бара од нив, а моја ќе биде одговорноста како и на кој начит ќе им го презентирам тоа, а се со цел да имаме подобра комуникација и разбирање на теренот.

– Промени ќе има, со оглед на тоа што ова е нова генерација. Фудбалерите што беа дел од претхоните квалификации немаат право за настап во следните квалификации, така што е природно да има промени. Во следниот квалификациски циклус право на настап ќе имаат фудбалерите родени во 2004 и 2005 година, но секако дека ќе добијат можност и некои фудбалери кои се родени 2006 година.

Се вчитува...