Станиќ повика 23 фудбалери за натпреварите со Ерменија и Црна Гора

Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Горан Станиќ го објави списокот со повикани фудбалери за натпреварите против Ерменија (10. октомври, „Петар Милошевски“, Битола) и против Црна Гора (14. октомври, Подгорица) од квалификациите за ЕП 2027.

На списокот на селекторот Станиќ се следните 23 фудбалери:

Голмани: Васко Василев (Работнички), Љупче Џеков (Силекс), Славе Вргов (АП Брера);

Одбрана: Давид Даилоски (Венло, Холандија), Андрија Димески (Вождовац, Србија), Андреј Аризанкоски (АП Брера), Анес Мелиќи (Шкендија), Ѓорге Џеков (Силекс), Нуман Ајетовиќ (Шкендија), Меметриза Хамза (Струга Трим Лум), Џезаир Авдули (Арсими);

Среден ред: Матеј Ангелов (Работнички), Шабан Зенку (Струга Трим Лум), Адриан Зенделовски (Олимпик, Шведска), Теодор Николовски (Работнички), Мартин Ѓоргиевски (Збројовка Брно, Чешка), Матеј Гаштаров (Црвена Звезда, Србија);

Напад: Михаил Талевски (Вардар), Димитар Данев (Вардар), Кире Стојанов (АП Брера), Мухамед Елмас (Македонија Ѓ.П.), Дашмир Елези (Работнички), Димитар Трајков (Работнички);

Селекторот Станиќ ги искажа очекувањата од следните два натпревари, а го коментираше и списокот на повикани фудбалери.

„Во составот има само една промена во однос на претходните натпревари. Шабан Зенку со добрите игри во Струга заслужи место и се надевам дека на прав начин ќе ја зголеми конкуренцијата во тимот.

На двата натпревари против Ерменија и Црна Гора одиме на победа. Мислам дека сме подготвени, одредени моменти од дуелите против Полска и Италија ни даваат за право да бидеме оптимисти. Верувам во оваа група фудбалери, атмосферата во тимот е одлична и сигурен сум дека со поддршката на навивачите во Битола, ќе покажеме вистинска енергија и борбен дух. Очекуваме победа дома, бидејќи знаеме колку ни значат трите бода за продолжување на квалификациите“, рече селекторот Станиќ.

Се вчитува...