Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Горан Станиќ очекувано беше разочаран од новиот пораз на фудбалерите до 21 година во квалификациите за ЕП.
Македонските надежи овој пат загубија убедливо со 1-4 од Шведска на дуелот кој се одигра на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.
„Направивме добра анализа пред мечот и знаевме дека имаат брзи играчи во нападот, а ние кога играме против тимови со брзи фудбалери имаме проблем. Но, како и да е, мислам дека во првото полувреме одигравме навистина солидно, имавме шанси постигнавме и погодок. Но, мора да кажам дека оваа генерација пати од наивност и ‘детски болести’. Во моменти кога требаше само да ја смириме играта, ние направивме наивне грешки и примивме два гола во само една минута…“ – изјави Станиќ по мечот и дополни:
„Потоа против една таква екипа е тешко да се вратиш. Се обидовме и со поофанзивна игра, но ете не успеавме да дојдеме до позитивен резултат. Истото ова ни се случи и против Црна Гора кога имавме шанси и добра игра, но потоа примивме два гола за краток период и го загубивме натпреварот. Така беше и денеска. Играчите мора малку да го променат пристапот, и да разберат дека на ова ниво не се дозволиви вакви наивни грешки“.
Сега, веќе за неколку денови, ни следи натпреварот со уште еден исклучително тежок противник, селекцијата на Полска.
„Нема лесен натпревар во оваа квалификациска група. Една работа која ми влева оптимизам е тоа што ние добро се носевме против сите екипи во овие квалификации, а натпреварите ги губиме пред се на индивидуални грешки кои скапо не чинат. Работиме максимално на тоа, дека мора да се фокусирани во текот на сите 90 минути, и не смее никакво опуштање во текот на мечот, но се работи за млади фудбалери. Наше е да работиме, да им укажуваме на грешките, иако ме загрижува тоа што на секој натпревар правиме индивидуални неизнудени грешки“ – вели Станиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

