Македонската А репрезентација денеска ја започна ноемвриската репрезентативна акција со официјалната прозивка во хотел „Хилтон“ во Скопје. Овој собир е во пресрет на двата последни натпревари за годинава, пријателскиот меч со Летонија на 13 ноември во Скопје и завршниот квалификациски дуел против Велс на 18 ноември во Кардиф.
Фудбалерот од средниот ред на Раднички Крагујевац, Лука Станковски верува дека мечот со Летонија може да ни донесе позитивни работи, посеббно за фубалерите кои чекаат шанса и поголема минутажа во репрезентативниот дрес.
„Што се однесува до натпреварот со Летонија, како и секогаш, Македонија, оди на победа. Денес секоја репрезентација има свој квалитет, така што очекувам одличен натпревар, да стекнеме самодоверба и да дојдеме до посакуваната победа“ – вели Станковски, притоа осврнувајќи се и на квалификацискиот меч со Велс.
„Против Велс е последниот натпревар од квалификациите. Се надевам дека овојпат нема да биде слично како против Белгија, но и тој натпревар беше дел од нашата тактика и успеавме да извлечеме добар резултат. Тактиката е задача на селекторот, а наша задача е да ја спроведеме на терен. Се надеваме на добар настап и на освоени три бода во Велс. Искрено, не мислам дека сè зависи од среќата, иако и таа е фактор во денешниот фудбал. Ние имаме јасна тактика и верувам дека тоа ќе биде клучот за успех“, изјави Станковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

