Станковски: Сакаме пласман со селекцијата до 17 години во елитната фаза од квалификациите за ЕП

Македонската репрезентација до 17 години оствари шест победи на последните седум контролни натпревари. Селекцијата предводена од Горан Станковски со право се надева дека позитивната резултатска низа ќе продолжи. Нашата млада селекција за важниот квалификациски турнир за пласман во елитната фаза формата ќе ја „бруси“ и со натпреварите кои ќе следуваат кон крајот на август против Унгарија во Скопје, а потоа ќе гостуваме и на турнир во Летонија. Сите овие активности се подготовка за квалификацискиот турнир во Полска кога ќе се соочиме со домаќинот Полска, Белгија и Лихтенштајн.

„Со оглед на тоа дека остваривме шест победи, а одговорно тврдам дека ни беше одземена победа и против Србија, задоволен сум од подготвителниот период и учинокот на тимот. Ме радува тоа што фудбалерите го прикажаа, а посебно од нивната дисциплина и одговорност во играта. Секако, имаме доволно време и да корегираме некои работи, но генерално одиме во посакуваниот правец. За нас е важен и периодот кои следува, посебно тренинг кампот во август и ќе се обидеме да го задржиме нивото кое ни носи и добра атмосфера и посакувани резултати“ – вели селекторот на репрезантацијата, Горан Станковски.

Македонската селекција до 17 години по завршувањето на тренинг кампот ќе одигра два контролни натпревари во Скопје против Унгарија, а потоа ќе патува за Летонија каде ќе учествува на турнир.

„Тренинг кампот ќе биде можеби последниот филтер во изборот на фудбалерите кои ќе бидат дел од составот за квалификацискиот турнир за елитна фаза. Иако, костурот на тимот го имаме, сепак можно е да има и одредени промени. Ќе се приклучат и неколкумина фудбалери од странство кои ќе добијат шанса да конкурираат за место во составот, но немаме простор, ниту потреба за сериозни промени. Главно, ќе се насочиме кон подготовка за трите натпревари против Полска, Белгија и Лихтенштајн. Се надевам дека сите ќе ја исполниме обврската и ќе се бориме за место во елитна фаза. Белгија на тој турнир е прв фаворит, Полска е исто така многу квалитетна селекција, но играта и резултатите на Македонија ни даваат за право да се надеваме дека можеме до второто место и пласман во елитна фаза“вели Горан Станковски.

Од крајот на март до средината на јуни, македонската репрезентација до 17 години забележа три победи на развојниот УЕФА турнир во Скопје, против Азербејџан (2:1), Грузија (2:0) и Саудиска Арабија (2:0), потоа на турнирот „Миљан Миљаниќ“ во Стара Пазова  ја совладавме Бугарија (1:0), а единствениот пораз го доживеавме против Србија (0:1) во натпревар на кој судиите беа во главна улога и директно влијаеја на резултатот. На последните два контролни натпревари запишавме две победи против Албанија (1:0) во Охрид и 2:0 во Корча.

Се вчитува...