Успешната 2017 година за македонскиот репрезентативен фудбал ја надградија и фудбалерите до 19 години. Тие успеаја да изборат настап во елитните квалификации, што е огромен успех, со оглед дека се случува за првпат откако Македонија игра квалификации во овие помлади возрасни категории. Македонскиот национален тим до 19 години со победите над Швајцарија и над Белгија направи историски чекор напред, а покрај самите фудбалери, заслугите одат и за стручниот штаб на чело со Вујадин Станојковиќ.
„Искрени да бидеме, младите фудбалери го заслужија овој пласман во елитата. Не е лесно да се победат Швајцарија и Белгија во европскиот фудбал, во ниту една генерација, а не во возраста до 19 години, која е веќе предвесник за влегување во сениорските професионални води. Но, сето ова и не е случајно. Со оваа генерација во Фудбалската федерација на Македонија се работи напорно и студиозно веќе четири години. Победничката крв на овие фудбалери е создавана низ годините наназад. Момците се несомнено многу талентирани, и морам да кажам дека сега за првпат ги имавме сите расположливи сили вградени во оваа селекција. Тие покрај тоа што се талентирани, се и многу професионални, сакаат напорно да работат, сакаат да научат каде грешат. И навистина ми е драго што сиот нивен талент, целиот раскош сега излезе на површина. И можам да кажам дека со овие млади фудбалери, надополнети со дел од повозрасните кои исто така се доволно млади во А-тимот, но и од генерацијата родени 2000 година што ја предводи Добринко Илиевски, Македонија во фудбалот ќе има големи успеси во наредните десетина години и подолго“, изјави за ЕКИПА по денешниот триумф над Белгија, селекторот на репрезентацијата до 19 години, Вујадин Станојковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА