Јувентус е на чекор до четвртфиналето од Лигата на шампионите, но фудбалерите на италијанскиот првак се свесни дека предноста од два гола од првиот натпревар на гостински терен против Порто мора да биде одбранета на домашен терен. Масимилијано Алегри најави дека нема да тактизира со составот и на теренот ќе истрчаат најдобрите фудбалери на „старата дама“, кои ќе се обидат да ја продолжат серијата од 12 победи на домашен терен во сите натпреварувања.
„Сигурен сум дека Порто ќе биде на висина на задачата, мораме да влеземе во натпреварот како да е 0-0 и да се обидеме повторно да стигнеме до победата. ЛШ е полна со изненадувања, минатата седмица сите ја имаа отпишано Барселона, па видовте што се случи. Работите можат брзо да се променат во фудбалот, затоа мораме да бидеме многу внимателни“ – истакна Алегри во пресрет на денешниот дуел.
„Старата дама“ има скор од шест победи, две реми и четири порази на домашен терен против ривали од Португалија, но сите четири порази се претрпени од составот на Бенфика.
За тежината на предизвикот пред Порто најдобро говори фактот дека овој тим само еднаш досега во историјата успеал да се пласира во следната фаза од европските купови откако ја загубил првата средба на домашен терен. Тоа беше случај во 2003 година, кога по поразот од 0-1 во Порто од Панатинаикос во четвртфиналето од Купот на УЕФА, португалскиот гигант сепак се пласираше во полуфиналето по триумфот од 0-2 во Атина.
„Доаѓаме за да се натпреваруваме, немаме бело знаме со нас. Ова ќе бидат долги 90 минути, но моите фудбалери се максимално мотивирани да се докажат и да се обидат да приредат изненадување“ – изјави стратегот на Порто, Нуњо Еспирито Санто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА