Јувентус ќе се обиде да му се одмазди на тимот на Барселона за поразот во големото финале од Лигата на шампионите во 2015 година, кога каталонскиот гигант по голема битка ја совлада „старата дама“ со 3-1 и дојде до титулата европски првак. Во однос на таа екипа на Јувентус италијанскиот првак сега е посилен на офанзивен план со Игуаин и Дибала, кои токму на вечерашниот дуел во Торино ќе имаат за задача да го загрозат Тер Штеген и да му помогнат на својот тим да оствари што поголема предност пред реваншот на „Камп ноу“.
„Барса ги има Меси, Нејмар и Суарез, кои се дел од Топ 10 играчите во светот, но дел од тоа друштво се и нашите Игуаин и Дибала. Верувам дека Барселона сега е послаба отколку пред две години, додека ние сигурно сме посилни“ – оптимистички е расположен дефанзивецот Леонардо Бонучи.
Традицијата вели дека Јувентус на досегашните 24 домашни средби против екипи од Шпанија има само два порази (14 победи и осум реми). Сезонава „старата дама“ во Торино го пречека тимот на Севилја, ремизирајќи 0-0. Алегри нема преголеми проблеми со составот (повреден е само Пјаца), па така Јувентус ќе истрча на вечерашниот дуел со своите најсилни единаесетмина и дури тројца одлични офанзивни фудбалери – Манџукиќ, Дибала и Пјаца.
На спротивната страна, Барселона со поразот во Малага речиси и дефинитивно ја загуби трката за титулата во Шпанија, по што каталонскиот гигант сега уште помотивирано ќе влезе во своите преостанати натпревари во ЛШ. Сериозен проблем за Луис Енрике е отсуството на суспендираниот Бускетс, кој важи за еден од ретките „незаменливи играчи“ во редовите на Барселона.
„И двата тима имаа сменето по неколку играчи во однос на последното финале. Играме голем меч, не постои поголема мотивација од пресметка со гигант како Јувентус во ЛШ и очекувам моите играчи да одговорат на предизвикот. Секако дека нема да ни биде лесно без Бускетс, но мораме да најдеме начин неговото отсуство да не се одрази врз нашата игра“ – изјави тренерот на Барса.
Интересен е фактот дека Меси во последните три сезони нема постигнато ниту еден гол во четвртфиналните пресметки на Барселона (каталонците два пати биле елиминирани), а Аргентинецот во кариерата му нема дадено гол на Џанлуиџи Буфон, што ќе биде само уште еден мотив повеќе за него да се прикаже во добро светло вечерва во Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА