Олимпискиот шампион во десетобој, Кристијан Шенк, 30 години откако го освои златниот медал тогашната ДДР на ОИ 1988 во Сеул, призна дека употребувал допинг. Сега 53-годишниот Шенк во интервјуто за „Алгемајне цајтунг“ откри дека тоа признание го измачува и дека со години се бори со тешка депресија.
„Состојбата ми беше толку тешка што дури помислував и да ставам крај на животот“ – призна поранешниот германски атлетичар.
Тој соопшти дека имал 20 години кога прв пат употребил забранети стимулативни средства.
„Тоа беше во 1985 година. За мене тогаш тоа беше како достигнување на следното ниво. Употребата на таблетите значеше дека сум дел од националниот тим и дека ќе имам добар настап. Првично одрекував дека сум употребувал допинг, а потоа кажав дека никогаш свесно не сум земал забранети супстанци. И двете изјави беа лага“ – вели Шенк.
Во својата атлетска кариера, тој освен олимпиското злато од Сеул има и бронзени медали од СП 1991 година во Токио и од ЕП 1989 во Сплит.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА