Со денешните средби меѓу Атлетик Билбао и Хетафе, односно Бетис и Џирона и официјално ќе биде означен стартот на новата сезона во шпанската Ла Лига, во која главно прашање ќе биде дали ривалите ќе успеат да најдат начин да го запрат моќниот состав на Реал Мадрид. „Кралевите“ лани лесно стигнаа до титулата, а сезонава ќе бидат уште посилни откако летово се засилија со Килијан Мбапе, извонредниот голгетер кој веќе дебитираше со гол во Супер-купот на Европа против Аталанта.
Реал е извонредно покриен на сите позиции, а фактот дека во нападот го има ударното трио Родриго – Винисиус – Мбапе, со Белингем веднаш зад нив ги прави „кралевите“ кошмар за сите противници.
Главни предизвикувачи на „кралскиот клуб“ и оваа сезона ќе бидат Барселона и Атлетико Мадрид. Каталонците ќе бидат предводени од нов стратег, но предизвикот пред Ханси Флик е огромен, да победи во трката со трофејниот со моќниот Реал. Финансиските проблеми се уште му создаваат главоболки на претседателот Лапорта, па така Дани Олмо на два дена до стартот на сезоната се уште не може да биде регистриран во Ла Лига, а каталонците се мачат и да доведат елитно лево крило откако беа одбиени од Нико Вилијамс, кој реши да остане во Атлетик Билбао.
Диего Симеоне во минатото веќе ги замрсуваше сметките на Реал и Барса, а тренерот на Атлетико ќе се обиде истото да го стори и во новата сезона. Нападот на мадридскиот тим дефинитивно ќе биде значително засилен со доаѓањето на Хулијан Алварез од Манчестер Сити на местото на Мората, кој се пресели во Милан. Шпанскиот репрезентативец Ле Норманд пристигна како засилување за одбраната на местото на Савиќ (замина во Трабзонспор), но главен квалитет на Атлетико се очекува повторно да биде силниот колектив, нешто што секогаш ја красело екипата на Диего Симеоне.
Во новата сезона Македонија ќе има двајца претставници во Ла Лига, голманот Столе Димитриевски летово се пресели од Рајо Валјекано во Валенсија, додека голгетерот Бојан Миовски денеска го комплетираше трансферот од Абердин во Џирона.
Шоуто може да почне, а нема сомнеж дека шпанската Примера и во новата сезона ќе биде една од најинтересните лиги во фудбалска Европа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

