Македонската фудбалска репрезентација со победа го стартуваше квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство во Германија во 2024 година. Пред околу 15.000 гледачи на Националната Арена „Тодор Проески“, Македонија дури во вториот дел ја „скрши“ Малта, и дојде до минимален триумф, и покрај проблемите кои ги имаше по првиот дел, кога избраниците на Благоја Милевски не упатија ниту еден прецизен удар.
Секој почеток е тежок, па така беше и вечерва во Скопје. Македонските фудбалери тешко се спојуваа, премногу грешеа, и форсираа беспотребни нафрлувања кон голот на Малтежаните во првиот дел. Тактиката 3-4-3, не го даде посакуваниот резултат, особено не после неочекуваното отсуство на Адеми на неколку часа пред почетокот на мечот.
Миовски со глава на два пати, еднаш Елмас се заканија во првиот дел, а Малта имаше сериозен напад во финишот од полувремет кога Гулаумиер остана осамен по левата страна, но Зајков во последен миг блокираше.
Почетокот на вториот дел со исти сили, и иста игра. Премногу бавно, премногу неинвентивно, а потоа селекторот Милевски се реши да менува, и во формацијата, и во тактиката, и во составот. Влегоа Несторовски и Чурлинов, се смени формацијата во 4-3-3, и веднаш даде плод.
Најпрво досуден, па преку ВАР поништен пенал за Македонија, но и тоа не беше проблем за момците во црвено кои брзо полсе тој „шок“ да не се досуди пенал дојдоа до предност.
Со убава акција го скршивме отпорот на Малта. Алиоски долга топка до Миовски, кој со глава спушти до Елмас, а „дијамантот“ во 66. минута од прва ја тресе мрежата на Бонело.
После голот веќе беше полесно да се игра, па така после шест минути нова радост на „Арената“. Чурлинов тргна сам кон голот, а потоа додаде до Барди, кој му „сервираше“ на нововолезниот фудбалер, кој со прецизен удар го натера Бонело вторпат да ја вади топката од мрежата.
И кога се чинеше дека ја имаме контролата на играта и на резултатот, во 85. минута Малта се врати во игра со гол. По една нафрлена топка, недоразбирање меѓу Ашковски, Муслиу и Димитриевски, па Јанкам погоди во празниот гол за неизвесност во финишот од мечот.
Македонија можеше да стави печат на победата во 90. минута кога Барди од слободен удар ја тресеше пречката од голот на Малта. Ги изненади сите со ударот, меѓутоа тој заврши само во рамката од голот на Бонело. Но, и Малта со шанса и удар во судиското надополнување преку Мбонг, за среќа Димитриевски со убава реакција.
Неочекувана тензија на крајот од мечот, па селекторот Благоја Милевски доби црвен картон поради еден приговор., но на крајот се добро се заврши за македонската репрезентација со стартен триумф во квалификациите и патот кон ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА