Стартер со Калјари: Камарда ќе испише нова историја за Милан

Франческо Камарда продолжува да урива рекорди во дресот на Милан, па така суперталентираниот тинејџер викендов ќе стане најмлад фудбалер што стартувал на меч од Серија А за „росонерите“.

Тренерот Фонсека на денешниот прес-конференција најави дека на утрешниот дуел со Калјари ќе стартува токму со Камарда во нападот, во ситуација кога Мората имаше незгодна повреда на главата, а Абрахам не е најподготвен за да може да стартува од првата минута.

Тинејџер ќе има 16 години и 241 ден на дуелот со Калјари, со што за еден ден ќе го урне рекордот на голманот Донарума, кој дебитираше на голот на „росонерите“ од првата минута на возраст од 16 години и 242 дена.

Камарда веќе е најмлад фудбалер кој настапил на меч од Серија А, на возраст од 15 години и 261 ден минатата сезона, а против Бриж го имаше и своето деби во Лигата на Шампионите сезонава.

Се вчитува...