Вкупно 28 екипи ќе се натпреваруваат во сениорските конкуренции во новата одбојкарска сезона 2021/22. За разлика од лани, кај дамите ќе има Втора лига, а во машка конкуренција ќе учествуваат 11 екипи во еден ранг. Вчерашната ждрепка го одреди распоредот за есенскиот дел којшто ќе трае од 16-ти октомври до првата половина на декември и ќе ги одреди патниците во борбата за титулата.
Во Првата машка лига ќе играат 11 екипи, покрај десетте од минатата сезона, сега во трка ќе биде и Македонија Џио. Според извлекувањето на натпреварувачките броеви, актуелниот шампион Струмица 47 & 72 ќе одмора во првото коло, во коешто вице-шампионот Универзитет во Тетово ќе го пречека Штип УГД, Вардар ќе сервира на свој терен против Лирија, амбициозната Шкендија ќе му биде домаќин на составот на Дибра волеј, Јанта волеј ќе се сретне со дебитантот Македонија Џио, а ГОК Борец, кој лани беше дел од првата четворка, во новата сезона ќе тргне против Весна Пробиштип. Во есенскиот дел ќе има 11 кола, екипите ќе играат секој со секого по еднаш, а потоа ќе биде формирана Втора фаза-1 со најдобрите шест екипи по есенскиот дел и Втора фаза-2 со преостанатите пет. Потоа ќе има полуфинале до две победи на првопласираните четири екипи од Втора фаза-1 и финале до три победи на поуспешните тимови од полуфиналните соочувања.
Кај дамите, во Првата лига ќе учествуваат осумте најдобри екипи од минатата сезона. На 16-ти октомври, во воведното коло, шампионките од Јанта волеј Кисела вода го пречекаат Фит фан волеј, финалистот Вардар жени ќе се тестира против Пелистер волеј, Струмица жени ќе се соочи со Работнички Скопје, а Универзитет во Тетово ќе ја има предноста на домашниот терен против Наковски волеј. За разлика од мажите, дамите ќе играат двокружно, вкупно 14 кола во почетниот натпреварувачки сегмент, потоа ќе има Втора фаза-1 со по шест меча за секој учесник, по што ќе почне разигрувањето според ист принцип како кај мажите. Во Втора фаза-2 четирите екипи коишто ќе бидат од 5-тото до 8-то место по есенскиот сегмент, исто така ќе играат по шест среди, а најдобрите две ќе го сочуваат прволигашкиот статус. Седмопласираната ќе оди во бараж со второпласираната од Втората лига, а осмопласиранат од Првата лига ќе се пресели во понизок ранг. Неговото место ќе го заземе најдобриот состав во Втората лига во којашто ќе има девет екопи. Тие ќе одиграат по осум натпревари во есенскиот дел. Виктори волеј ќе биде слободна во првото коло, Македонија Макс ќе го пречека Куманово, Бами Кор ќе се сретне со Ускана, Младост УГД ќе ги одмери силите со Вардар ЕМ, а Јанта волеј Форца за противник ќе го доби ТЕ волеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА