Со натпреварите Анадолу Ефес – Реал Мадрид и ЦСКА Москва – Олимпија Милано со почеток во 19 часот вечерва и официјално ќе стартува новата сезона од Евролигата. Улогата на бранител на трофејот ќе ја има тимот на Фенербахче, кој ќе се обиде да стане третиот клуб во овој век што успеал две години по ред да триумфира во елитното европско натпреварување (по Макаби во 2004 и 2005 и Олимпијакос во 2012 и 2013 година). За разлика од ланскиот тим Фенер ќе го нема во своите редови Македонецот Перо Антиќ, кој се пресели во Црвена звезда, но и Богдан Богдановиќ и Екпе Удох, па јасно е дека задачата да се остане на тронот ќе биде исклучително тешка.
Системот на натпреварување останува ист, секој против секого дома и на гостински терен, за потоа најдобрите осум екипи во плејоф-серии да се борат за место на фајналфор турнирот. Во однос на минатата сезона годинава во елитното друштво се враќаат Уникаха, Валенсија и Химки.
ЦСКА Москва и оваа сезона ќе ја почне како главен конкурент за титулата. Рускиот гигант остана без Милош Теодосиќ, но затоа го врати од НБА во Европа шпанскиот плејмејкер Серхио Родригез. Згора на тоа доведен беше и одличниот Вил Клајбурн од Дарушафака, но и Отело Хантер, кој би требало да даде дополнителна цврстина во рекетот, нешто што му недостигаше на тимот на Итудис минатата сезона.
Реал Мадрид предводен од Лука Дончиќ сигурно со големи амбиции влегува во новата сезона, но главен проблем за „кралевите“ е тешката повреда на Љуљ, кој би можел да се врати дури во март или април. Своја шанса ќе бара и европскиот вицепрвак Олимпијакос, а интересно ќе биде да се види каква ќе биде играта на Барселона, по очајниот настап во сите натпреварувања ланската сезона.
Двојки за првото коло:
ЧЕТВРТОК
ЦСКА Москва – Олимпија Милано 19 часот
Анадолу Ефес – Реал Мадрид 19 часот
Бамберг – Макаби 20 часот
Олимпијакос – Басконија 20 часот
Уникаха – Фенербахче 21 часот
ПЕТОК
Жалгирис – Црвена звезда 19 часот
Химки – Валенсија 19 часот
Барселона – Панатинаикос 21 часот
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА