Стартува Мундобаскетот: Американците по титула, Франција, Шпанија, Германија… со свои математики!

Денеска од 10 часот по македонско време стартува Светското кошаркарско првенство 2023 кое ќе се одржува во Филипините, Јапонија и во Индонезија. Мундобаскетот стартува со натпреварите Ангола – Италија и Финска – Австралија, како најава за возбудувањата кои ќе траат повеќе од две недели.

Факт е дека репрезентацијата на САД е најголем фаворит за титулата, и според објективното размислување на поголемиот дел од кошаркарските аналитичари, но и според системските статистики изведени согласно составите на репрезентациите како и резултатите од подготвителните натпревари кои се веќе зад нас.

Втор фаворит за трофејот е Германија која на последното ФИБА рангирање направи скок од дури три позиции, а трета според статистиките за освојување на трофејот е Франција. Но сигурно од позадина ќе делуваат и бранителот на титулата Шпанија, како и селекциите на Канада, Словенија… кои имаат респектабилни селекции.

По втор пат во историјата на светските првенства ќе учествуваат 32 екипи, поделени низ групната фаза во осум групи од по четири екипи, кои ќе се натпреваруваат во Џакарта, Манила и Окинава. Двете најдобропласирани од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза. Најдобрите 16 селекции ќе бидат поделени во четири групи со по четири репрезентации. Во четвртфиналето ќе се пласираат двете најдобри селекции од новоформираните групи, а останатите ќе се натпреваруваат за пласман од деветтото до 16. место.

Потоа преку нокаут системот од четвртфинале до финале ќе се дојде до новиот светски шампион.

Од Мундобаскетот на Олимписките игри ќе се пласираат вкупно седум селекции, но според географскиот клуч – по две селекции од Европа од ФИБА Америка (Северна и Јужна Америка) и по една од Африка, Азија и Океанија.

ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА

10.00 часот Ангола – Италија
10.00 часот Финска – Австралија
10.45 часот Мексико – Црна Гора
11.15 часот Летонија – Либан
14.00 часот Доминиканска Република – Филипини
14.10 часот Германија – Јапонија
14.30 часот Египет – Литванија
15.30 часот Канада – Франција

СИТЕ ГРУПИ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО 2023

А-група: Ангола, Доминиканска Република, Филипини и Италија
Б-група: Јужен Судан, Србија, Кина и Порторико
Ц-група: САД, Јордан, Грција и Нов Зеланд
Д-група: Египет, Мексико, Црна Гора и Литванија
Е-група: Германија, Финска, Австралија и Јапонија
Ф-група: Словенија, Зеленортска република, Грузија и Венецуела
Г-група: Иран, Шпанија, Брегот на Слоновата Коска и Бразил
Х-група: Канада, Летонија, Либан и Франција

Се вчитува...