СТАРТУВА ПРОЛЕТНАТА СЕЗОНА ОД ПРВАТА ЛИГА: „Ѓаволски“ тешка битка за титула, и за опстанок!

Стартува пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига низ, се чини, еден од најизрамнетите домашни шампионати во последните пет години.

Пет екипи, Силекс, Шкендија, Работнички, Гостивар и Струга ТЛ, согласно резултатите од есенскиот дел, но и случувањата низ подготвителниот период, ќе се борат за шампионската круна со нагласени амбиции на Шкендија и Гостивар…

„Верувам дека тимот е подготвен за пролетниот дел. Работевме со голема посветеност и играчите го дадоа својот максимум на секој тренинг. Низ подготвителната фаза во Турција, нашиот акцент не беше на резултатот, бидејќи на секој натпревар тестиравме различни варијанти и формации. Беше многу важно што сите играчи имаа можност да го искажат својот квалитет. Најважно беше да нема повредени играчи на крајот од фазата. На контролните натпревари имаше моменти кога бев навистина задоволен од тимот, имаше моменти кога не функциониравме како што треба и немавме соодветна концентрација. Но, сепак се е завршено во функција на тоа што не чека во првенството. Верувам дека ќе имаме максимално амбициозни поединци за успех оваа пролет. Познати се амбициите на Шкендија годинава, целиме кон шампионската титула, како и уште неколку други екипи. Мислам дека оваа година лигата е навистина силна, ќе биде тешко натпреварување. Се соочуваме со сериозни екипи, но верувам дека ние сме тимот што ќе го каже последниот збор во текот на првенството“ – вели тренерот на Шкендија, Јетон Беќири.

Но, максимално амбициозно пролетта ја очекува и екипата на Силекс.

„Со оглед на тоа дека сме есенски шампиони, секако задоволни сме од есенскиот дел од првенството. Во пролетниот дел секако задачата за да се одбрани тоа прво место ќе биде ѓаволски тешка, бидејќи знаеме дека се бориме со доста квалитетни екипи. Меѓутоа, кога веќе докажавме дека во 18 натпревари можеме да бидеме први, зашто не и во останатите 15. Така што апсолутно веќе не криеме дека целта е оваа година, со Божја помош, да ја освоиме шампионската титула“ – вели стратегот на Силекс, Александар Васоски.

Од друга страна, факт е дека, Тиквеш, Беса, Вардар и Воска спорт ќе имаат исто така „ѓаволски“ тешка битка  за опстанок во лигата.

„Нашата цел е секако сигурен опстанок во лигата, затоа што Тиквеш има квалитет да ја реализира таа цел. Јасно е дека лигата е израмнета и носи максимална неизвесност, но ние сме подготвени за секој предизвик кој не очекува оваа пролет“ – вели тренерот на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов.

ПРВА ЛИГА – 19. КОЛО (денеска, 14 ч.)
Скопје: ГОСТИВАР – СТРУГА ТЛ
Кратово: СИЛЕКС – ТИКВЕШ
Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА
Охрид: ВОСКА СПОРТ – БЕСА
Скопје: ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ
Битола: ПЕЛИСТЕР – АП БРЕРА

Се вчитува...