Стартува Првата лига: Може ли некој да му застане на патот на МЗТ Скопје

Завесата во Првата лига во кошарка и официјално се крева денеска, со дуелот во 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ во кој МЗТ Скопје како актуелен шампион ќе ги одмери силите со Маџари, тимот кој сезонава дебитира во елитното македонско кошаркарско друштво.

МЗТ не само што е шампион, туку и голем фаворит за одбрана на титулата, со оглед на фактот дека аеродромци повторно имаат силен тим составен од квалитетни домашни играчи кои го носат товарот за разлика од ривалите во кои главната улога им припаѓа на странците во екипите.

„Металците“ ги задржаа ветераните Бојан Крстевски и браќата Стојановски, тука се и Маслинко и Магдевски, а ако се додадат и Петков, Андоноски… надополнети со неколку Американци јасно е зошто сите во Аеродром очекувааат нова двојна круна. Впрочем, МЗТ славеше во девет од последните десет одиграни финалиња во плејофот (загуби само во 2018 од Работнички), па јасно е зошто „сино-белите“ повторно важат за глави фаворити за титулата.

Ланскиот финалист ТФТ повторно состави квалитетен тим со кој ќе атакува на висок пласман, тука е и Пелистер, тимот што играше три финалиња во низа, но минатата сезона изостана очекуваниот резултат и битолчани беа елиминирани во четвртфиналето од Работнички. „Центарци“ секоја година сонуваат за враќање на врвот, но никако не успеваат да испливаат од големите финансиски проблеми, поради кои пред стартот на оваа сезона имаат шест БАТ-забрани за трансфери и нема да можат да ги регистрираат новите засилувања донесени летово.

Првата лига овојпат ќе се игра со променети пропозиции, по првиот лигашки дел тимовите ќе се делат на плејоф и плејаут лиги, по што најдобрите четири ќе разигруваат во полуфинале, па борба за титулата, додека поради кратењето на лигата од 2026/27, сезонава од елитното друштво ќе испаднат три екипи (а влез во Првата лига ќе обезбеди само шампионот на Втората лига).

ПОСЛЕДНИ ДЕСЕТ ФИНАЛИЊА ВО ПЛЕЈОФОТ

СЕЗОНА 2014/2015: МЗТ Скопје Аеродром – Куманово 3:0

СЕЗОНА 2015/2016: МЗТ Скопје Аеродром – Куманово 3:1

СЕЗОНА 2016/2017: МЗТ Скопје Аеродром – Карпош Соколи 3:2

СЕЗОНА 2017/2018: Работнички – МЗТ Скопје Аеродром 3:0

СЕЗОНА 2018/2019: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 3:0

СЕЗОНА 2019/2020: не беше прогласен шампион

СЕЗОНА 2020/2021: МЗТ Скопје Аеродром – Еуро Никел 2005 3:0

СЕЗОНА 2021/2022: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер 3:1

СЕЗОНА 2022/2023: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер 3:0

СЕЗОНА 2023/2024: МЗТ Скопје Аеродром – Пелистер 3:0

СЕЗОНА 2024/2025: МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ 3:1

Се вчитува...