Стартува ракометниот Ф4: Може ли Алкалоид преку Вардар и Пелистер до одбрана на трофејот

Со полуфиналните натпревари денеска во Охрид почнува фајнал-фор турнирот во ракометниот Куп на Македонија.

Бранител на трофејот од минатата сезона е РК Алкалоид за кој ова беше прва титула во најмасовното ракометно натпреварување во земјата. Избраниците на Лазаров денеска нема да бидат фаворити во дуелот со најтрофејниот од ова натпреварување РК Вардар.

Во второто полуфинале, актуелниот шампион на Македонија Е. Пелистер ја има фаворитската улога против домаќинот на турнирот ГРК Охрид.

„Ова се две средби на фајналфор, турнирски систем и е малку поразлично во однос на првенството, поспецифично. Се подготвуваме за полуфиналето, оние екипи кои ќе победат речиси и да немаат време за подготовки за големото финале… Моментната инспирација на одреден играч или екипи или пак индивидуалниот квалитет знае да ги решава тие куп-пресметки. Секако дека ќе бидат тешки тие два дена, мораме да сме фокусирани само на сабота, да го добиеме тој прв меч со Охрид, па потоа ќе размислуваме за мечот в недела“, истакна голманот Никола Митревски.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Вардар е закажан со почеток во 17 часот, додека Е. Пелистер и ГРК Охрид ќе играат во 19.30 часот.

Се вчитува...