Стартува Серија А: Може ли некој, конечно, да го тргне Јувентус од врвот!?

Со мечот меѓу Парма и Јувентус денеска од 18 часот, викендов стартува новата сезона од Серија А. Дали торинската „Стара дама“ ќе успее да дојде до својот девето едноподруго, а вкупно 36-то Скудето? Кој може да ги расипе сметките на Јуве?

Одговорот на сето тоа треба да се добие во текот на сезоната која е пред нас, но, во секој случај, едно е сигурно – италијанското првенство од поодамна не било вака квалитетно и израмнето.

Јувентус, екипата која речиси деценија доминира во италијанскиот фудбал, сезоната ја очекува со нов тренер. Но, „црно-белите“ тешко го менуваат системот. Некогаш Антонио Конте, па Макс Алегри, денеска Маурицио Сари кој е доведен за да Јуве успее да направи и чекор напред во Лигата на шампионите, натпреварување кое не успеале да го освојат од 1996 година.

По епизодата во ПСЖ, во клубот се врати и легендарниот Џанлуиџи Буфон, од Ајакс е доведен најдобриот млад стопер во светот, Матија Де Лихт, а како слободни играчи пристигнаа Арон Рамзи и Адријен Рабио. Од Јувентус не треба да се очекува на изглед убава игра, и покрај тоа што во тимот имаат фудбалери како Роналдо, Дибала или Пјаниќ. Но, единствено резултати.

Главна закана за Јуве, како и минатата сезона, ќе биде Наполи во чии редови сега ќе го гледаме и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас. Наполитанците на Скудетото чекаат веќе речиси триесет години од времето на Диего Марадона.

Наполи од клупата е предводен од докажаниот и искусен Карло Анчелоти, кој тактиката на Сари од 4-3-3 ја преточи во 4-4-2, што се покажа како добро решение. „Сините“ без сомнение ќе бидат вистински конкурент на Јуве во трката за шампионската круна.

СЕРИЈА А (1. коло) (ДЕНЕСКА)

Парма – Јувентус (18 ч.)

Фиорентина – Наполи (20:45 ч.)

УТРЕ

Удинезе – Милан

Рома – Џенова

Каљари – Бреша

Сампдорија – Лацио

СПАЛ – Аталанта

Торино – Сасуоло

Верона – Болоња

Се вчитува...