Стартува ВМФЛ: Пелистер и Беса главни фаворити за пласман во „елитата“

Со натпреварите од 1. коло, денеска стартува второлигашката битка за пласман во „елитата“ следната сезона. Засега се издвојуваат неколку фаворити за местата кои носат пласман во прволигашката конкуренција, додека останатите ги чека битка за опстанокот.

Според она што можеше да се види низ летните подготовки и преодниот рок, засега Пелистер и Беса се издвојуваат како најсериозни кандидати за првите две места, меѓутоа вреди да се напомене дека во второлигашката конкуренција неретко имало изненадувања. Скопје и Победа се тука од сенка како доскорашни прволигаши да се вратат експресно во елитната конкуренција.

Беса сериозно ги засили своите редови. Предводени од тренерот Александар Таневски кој има прволигашко искуство, како и со искусните засилувања Тофилоски, Мециновиќ, Драгарски, Радевски, Борха, Алими, Скендери, Емини… би требало да биде фаворитот број 1 за деби пласман во Првата лига. Во оваа екипа има голем број играчи со прволигашко искуство, некои од нив играле и во странство, што се чини треба да биде доволно за едно од првите две места.

Борба за првото место ќе води и екипата на Пелистер, предводена од искусниот Влатко Костов. Екипата доби и ново раководство, легендите на тимот се вклучија во работата на екипата, а исто така тимот е составен од добро проверени имиња со огромно искуство како Миленковски, браќата Љамчевски, Размоски, Спиркоски, Наумоски, Здравевски, Маневски… Целиот овој спој на искуство, и на младост (во екипата има и неколку играчи од младинската школа), треба да го врати прволигашкиот сјај на битолската гордост.

Екипата на Скопје го врати тренерот Љупчо Марковски – Калц на „Автокоманда“, а екипата во моментов е во фаза на консолидирање и на ангажман на нови играчи. Засега екипата има премалку играчи, меѓутоа несомнено е дека Скопје ќе направи одново тим кој што ќе може да направи проблеми на секого и да се пласира одново во прволигашката конкуренција.

Нешто во подобра ситуација, барем со играчкиот кадар, е екипата на Победа. Прилепчани главно го задржаа играчкиот кадар од минатата сезона кога се натпреваруваа во Првата лига, и сега ќе се обидат да се вратат одново во „елитата“.

Останатите екипи се очекува да се борат за „златната“ средина, односно да го избегнат најлошото. Тетекс, кој минатата сезона преку баражот успеа да остане во Втората лига, сега добро се засили и се очекува да се бори за средината на табелата. Беласица секогаш важела за еден од фаворитите од сенка за прволигашката конкуренција, но прашање е колку тимот сега има квалитет за да се бори за првите три места.

Новиот второлигаш Башкими исто така има амбиции за враќање во Првата лига. Меѓутоа главна цел на тимот од Куманово сега треба да биде најпрво останување во Втората лига, а потоа полека кон враќањето на стариот сјај.

Standings provided by Sofascore

 

Се вчитува...