Стартуваа собранијата на Општинските фудбалски сојузи: Дибрани останува претседател на ОФС Струга, едногласна поддршка за Масар Омерагиќ

Стартуваа редовните изборни собранија во општинските фудбалски сојузи во Македонија. Согласно Статутот на Фудбалската федерација на Македонија, до почетокот на Редовното изборно собрание на ФФМ што ќе се одржи во текот на април оваа година, сите 26 Општински фудбалски сојузи во Македонија треба исто така да одржат свои редовни изборни собранија, да изберат ново раководство и делегати за Собранието на ФФМ, со предлог и за членови на Управниот одбор.

Општинскиот фудбалски сојуз на Струга, еден од најстарите и најактивните во Македонија прв го одржа Изборното собрание на кое присуствуваа 29 од 37 делегати од фудбалските клубови, претставници на судиската и тренерската организација и спортски работници.

На иИзборното собрание делегатите по вторпат му ја дадоа довербата на досегашниот претседател на ОФС Струга, Џеват Дибрани, а Љупчо Мојсовски и натаму ќе ја врши функцијата секретар. За членови  на Собранието на ФФМ се предложени Џеват Дибрани, воедно и за член на Управниот одбор, потоа Арбен Борова, Мифтар Шаќири и Илир Бектеши. Според Статутот мора да има и четири заменици на претставниците во Собранието на ФФМ, а тоа ќе бидат Блертон Положани, Гоце Шоковски, Дритон Бакали и Јован Качевски.

Сите делегати едногласно дадоа поддршка на актуелниот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ да биде повторно избран за прв човек на фудбалската федерација. Собранието имаше и гости од ФФМ, в.д секретарот Дрилон Ганиу, како и членовите на УО, потпретседателот Марјан Стојковски, Сашко Тасев и Арџент Бекири, претседател на младинската комисија при ФФМ.

Општинскиот фудбалски сојуз на Струга кој е формиран 1970 година ги исполнува сите услови за постоење на сојузот што се бараат според прописите на ФФМ. Има две општински фудбалски лиги, во првата членуваат осум клуба а во втората шест клуба. Има прволигаш Струга Трим Љум, четири екипи во Југозападниот регион: Караорман, Велешта јунајтед, Кораби и Влазрими, член  на Првата лига на жени – ЖФК АСС Унитед, и два клуба во Втората футсал лига. ОФС Струга има и меѓународен фудбалски судија Јован Качевски, како и четворица судии на единствената листа и тројца контролори.

М.М

Се вчитува...